Еден златен медал, еден сребрен и два бронзени е билансот на шестемина македонски средношколци што настапија на 64. Интернационална математичка олимпијада во Јапонија, во конкуренција на 110 земји од светот.



Златото во Чиба близу Токио, прво за Македонија го освои Дамјан Давков, среброто Алексиј Тасиќ, а со бронза се закитија Никола Цветановски и Никола Спировски. Јан Стојановски и Бранко Јангеловски добија пофалници.

Со ова е надминат успехот од последните две интернационални математички олимпијади. Во Санкт Петербург 2021, која се одржа онлајн поради Ковид-19, Давков освои сребро и стана најмладиот медалист од Европа во историјата на овој планетарен натпревар, а „бронзени“ беа Спировски и Блаже Суклевски. Лани во Осло, пак, Македонија освои две сребра и две бронзи.

Во последниве три месеца ова е трет меѓународен натпревар од кој македонските математичари се враќаат со полн куфер медали: на 40. Балканска математичка олимпијада во Турција во мај освоија шест (по едно злато и сребро и четири бронзи), а на 27. Јуниорска балканска математичка олимпијада во јуни во Албанија се закитија со три одличја (по едно злато, сребро и бронза). Давков на натпреварувањето во Тирана беше единствениот учесник што триумфира со максимални 40 поени!