Поранешниот министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е еден од најгласните критичари на Мицкоски, не открива што разговарал со експремиерот Никола Груевски.
Три дена откако беше откриено дека Тодоров бил во Будимпешта тој пред јавноста не открива детали.
Како што објави Фокус во четвртокот Тодоров кој пред Филипче го носеше атрибутот “Министер за смрт”, средбата се случила минатата недела во Будимпешта кога бил на гости кај поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Тодоров кој беше министер за образование и за здравство во времето на Груевски
Тодоров не одговарал на телефонски повици од 360 степени откако вчера во изјава за Телма, не потврдил, но и не демантирал дека „неколку часа разговарал со Груевски во Будимпешта“.
Тема на разговор, како што се посочува, биле случувањата во ВМРО ДПМНЕ, но детали не се откриваат. Соговорник близок до Тодоров посочил за Телма дека „се ќе биде јасно за два месеца“.
Информациите за средба во Будимпешта, доаѓаат ден откако Иницијативниот одбор, составен од противници на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, го откажа вонредниот конгрес, на кој наводно требаше да се бира нов лидер на партијата.
Откако претходно “иницијаторите” тврдеа дека обезбедиле присуство на две третини од делегатите од конгресот во Валандово (во декември 2017 г.), тие го откажаа конгресот десет дена пред закажаниот датум (28 март), со образложение дека се решиле на овој потег поради влошената ситуација со ковид-19.
Поранешниот министер за здравство важи за најверен соработник на Груевски по 2011 година а беше и вицепремиер во последната влада на оваа партија.
Во име на партијата тој беше еден од преговарачите во Пржино. Се спомнуваше и како можен наследник на Груевски на челната позиција во партијата.
Тодоров е еден од малкумината од тимот на Груевски што владееше од 2006 до 2017 година кој што нема судски процес.
Неофицијалните информации од ЈО велат дека против него има поднесено најмалку една кривична пријава и најмалку една што е запрена од обвинителството.






