Првата пушка за корупција не може да избега од случајот ,,Син на Талат”

Професорката Весна Јаневска објаснува зошто шефицата на Државната Комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска не може да запре прогонот на случајот во кој и синот на собранискиот спикер Талат Џафери полагал правосуден испит без да има завршено потребен факултет.



Јаневска дава конкретни насоки како Ивановска да го расчисти случајот и како да се дојде до кривичен прогон на виновните за скандалот.

,,Претседателката на Комисијата за антикорупција повторнo се заинтересира за криминалот при полагање на правосуден испит и упис на Академија за судии, иако претходно рече дека случајот е стар 7 години и застарен. Ваков случај не може да застари и не може да помине само со поништување на правосуден испит! Одговорност за незаконко работење нема? И тоа не само на кандидатот, туку и на тие што дозволиле ова да се случува.

Ја информирам Претседателката на Антикорупциска комисија дека според Закон за архивско работење (член 19 и член 21) постојат 2 вида архивски документи: ТРАЈНИ и времени.

На факултетот каде што завршил младиот Џафери постои Матична (главна книга) на запишани и дипломирани со датуми. Постои исто таква книга за сите што положиле правосуден испит и исто таква книга за сите што се запишале и завршиле на Академијата за судии. Сите овие книги се ТРАЕН архивски материјал и се наоѓаат на листата за архивски материјал, со архивски броеви, што ја доставиле институциите до Архивот на Р. Македонија, која ја одобрува оваа листа како и листата за документарен материјал. Овој документарен материјал е со времен рок, но не може кој како сака и кога сака да го уништува.

За да се уништи времен архивски материјал Министерството за правда требало да формира Комисија за поништување, да побара дозвола од Архивот и потоа да го поништи материјалот со времено траење. Ако ова не е сторено, криминал. Ако нема главни книги, криминал. Проблемот е лесно решлив, само ако се сака!
Мала помош од мене: Барлет Џафери, Уверение за положен правосуден испит од 05.02.2015 год., со архивски број 08-4/135.

Сега само видете во Главната книга од факултетот кога се стекнал со 300 кредити + најмалку 1 година пракса.
Ова е лесно, следното е тешко. Кого ќе повикате на одговорност? Многу се”, и пишува Јаневска на Ивановска која сега е во тешка ситуација и не може да избега од процесирање на случајот со синот на Џафери.