Постар маж заразен со коронавирус почина во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и тоа е првата жртва од оваа болест во Словенија, каде што се заболени 181 лице.
Станува збор за жител на Метлика, гратче на југоистокот на Словенија на границата со Хрватска, кое минативе недели беше едно од жариштата на болеста, откако повеќе лица беа заразени во секундарен контакт со лекар од тамошниот здравствен дом, кој се вратил од Италија и беше првиот заразен со коронавирус во земјата.
Во случајот што потсетува на тој со докторката во Македонија, споменатиот лекар три дена по враќањето од скијање во Италија дежурал во амбулантата и бил во контакт со стотина пациенти, но и со штитениците на локалниот дом на пензионери, за кој исто така бил задолжен.
Првата жртва на коронавирус во Словенија, според неофицијални податоци, е токму еден од станарите на тој дом за стари лица, во кој се заразени седум штитеници и петмина вработени.






