Изградбата на пругата Бељаковце – Крива Паланка наскоро може да започне, откако во месец октомври е изададено одоберението за градба. Како што покажуваат податоците на ДЗС, вредноста на оваа долгоочекувана инвестиција драстично ја зголемува вредноста на вкупните одобренија за градба.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градба во октомври оваа година, предвидената вредност на објектите изнесува 14.404.949 илјади денари, што е за 48,2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, иако бројот на одобренија е значително намален.
– Зголемената вредност е резултат на издаденото одобрение за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка, кое е со вредност 9.534.439 илјади денари – се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.
Според податоците на Државниот завод за статистика во октомври 2022 година се издадени 373 одобренија за градење, што е за 26,7 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 185 (49,6 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 127 (34 отсто) за објекти од нискоградба и 61 (16,4 проценти) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 373 објекти, на 195 објекти (52,3 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 178 (47,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 699 станови, со вкупна корисна површина од 58.180 метри квадратни.
извор: Фактор.мк






