Речиси три четвртини од етничките Македонци или 71,7 проценти се против промена на името на државата заради членство во НАТО и во Европска унија, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Маркет вижн“, нарачана од порталот МКД.мк.
Дијаметрално спротивен став имаат Албанците, од кои дури 94,7 отсто се за членство во двете организации со променето име, а само 5,3 отсто од нив се против.
Кај другите националности повеќето се против (55,5 проценти), а за промена на името на државата заради зачленување во Алијансата и во Унијата се 44,5 отсто од нив.
Според анкетата спроведена минатата седмица на 1.200 испитаници, мнозинството граѓани на Република Македонија, без оглед на националната припадност, поточно 52,1 проценти би одговориле негативно на прашањето „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со променето име“, а 47,9 отсто позитивно.
Повеќето од македонските граѓани се и против Преспанскиот договор, односно 54,1 проценти, наспроти 45,9 отсто за. И тука е голема разликата меѓу Македонците, од кои 74,5 проценти не го прифаќаат договорот Заев-Ципрас, наспроти 94,7 отсто Албанци кои се за документот што го потпишаа Никола Димитров и Никос Коѕијас во Нивици.
Освен за Србите и Ромите, пак, мнозинството од сите други националности е за договорот.
Деталните резултати од анкетата на МКД.мк на следниот линк.





