Грчката дијаспора од САД и од Канада ги плаќала протестите во Грција против името на Македонија, а не Русија, е заклучокот на кој наведуваат новите информации што предизвикаа пресврт во скандалот со протерувањето руски дипломати од Атина.
Наспроти главниот аргумент на грчкиот државен врв дека тие ги финансирале демонстрациите против Преспанскиот договор, организаторите ја фатија Владата во лага, доставувајќи им на грчките медиуми документи за спонзорите на многуилјадните митинзи, од кои се гледа дека тие се плаќани со долари, а не со рубли.
Уплатите за поддршка на протестите под мотото „Македонија е Грција“ доаѓале од богати Грци што живеат во САД и во Канада. Во списокот на спонзорите не фигурира ниту духовната заедница од Атон, која се вртеше во медиумите.
Грчките иселеници категорично истапија против договорот меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за преименување на македонската држава во Северна Македонија, па дури и протестираа пред грчките дипломатски претставништва низ светот. Тие се противат зборот „Македонија“ да биде содржан во името на северниот сосед.
Затегнатите односи меѓу Атина и Москва веќе ја откажаа посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Грција, планирана за септември. Од опозициската Нова демократија, пак, прогнозираат и проблеми со енергетските договори, како и со можно пренасочување на руските туристи во Турција. Токму такви мерки беа дел од одговорот на Русија на соборувањето руски авион од турската противвоздушна одбрана во ноември 2015 година.




