Стотици луѓе синоќа во Хаг палеа и фрлаа камења и факели кон полицијата, во вториот ден масовни протести низ Холандија поради ковид рестрикциите, јавуваат очевидци.
Повредени се пет полицајци, а седум лица се приведени.
Сопственикот на мала пицерија во Хаг за агенцијата АФП изјавил дека ниту полицијата не била коректна, дека наводно извлекувала луѓе од неговиот локал и „без причина ги удиралле“.
Насилни протести се одржаа и во помалите градови но масовниот митинг во Амстердам, одржан претходно во саботата со илјадници демонстранти, помина мирно.
„Луѓето сакаат да живеат, затоа се собравме“, изјави еден од организаторите.
Поради големиот број заразени, на Холанѓаните веќе седум дена им е дозволено да бидат во друштво до најмногу четири лица во своите станови и куќи, тие главно работат од дома, а продавниците се затвораат порано.
Пристап до некои објекти имаат само вакцинирани лица и оние кои прележале Ковид-19.
Ова беше втора ноќ по ред кога некои холандски улици изгледаа како воена зона. Во петокот вечерта во Ротердам, полицајци испукаа предупредувачки истрели, а потоа пукаа во луѓето.
Најмалку четири лица се повредени од огнено оружје. Поради тој настан, на социјалните мрежи се прошири повикот во сабота да се излезе на улиците низ Холандија.





