Протест е закажан за денеска по повод најавеното отворање на уште еден бугарски клуб клуб со контроверзно име поврзано со фашизмот – „Цар Борис Трети“ со седиште во Охрид.



„На 7-ми октомври (петок) со почеток од 11 и 30 часот на улица „Македонски Просветители“, пред ТЦ Амам – Охрид, да се мобилизираме и да го искажеме нашиот антифашистички порив.

Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!

Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата!“, повикува „Левица“.

Повик за протест упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поред кој отворањето на „клубот“, по оној со име „Ванчо Михајлов“ во Битола е провокација. Тој повика на масовен протест во Охрид и порача на граѓаните да протестираат достоинствено и мирно.

„Дека е провокација, не е сомнено. Груба провокација, резултат на тоа што ние како ВМРО го збориме цело време. Не станува збор за процес на интеграција, туку на асимилација, за уништување на македонскиот идентитет. Ова што денеска се случува е шокантно за Македонците, но и Евреите. Тука не гледам никаква потврда Договорот за пријателство да го нарекуваме вака. Тоа што го прават бугарската Влада и добрососедство, нема никаква врска со пријателство“, рече Мицкоски како одговор на новинарско прашање.

Oтворањето на клубот го осуди и Еврејската заедница во Македонија, која aktot го нарече „повампирување на ликови од фашистичкиот период на Бугарија“.

Клубот се отвора без позитивно мислење од Министерството за правда, кое според Министерот Тупанчевскки, се прогласи дека „нема ингеренции“.

Пратеникот Антонио Милошоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе закон во Собранието со кој се забранува формирање здруженија поврзани со фашистичкиот режим или Третиот Рајх.