) Пред Министерството за образование и наука денеска ќе се одржи протест на кој средношколците ќе побараат олеснување на полагањето државна матура.
На протестот ќе се придружи и движењето „Студентски отпор“ од каде што соопштија дека ќе го искажат нивниот револт зашто институциите, како што велат, немаат слух за повеќемесечните барања на студентите.
Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) соопшти дека целта на предупредувачкиот протест е да постетат дека од Владата и Собранието побараа годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити.
Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека оваа генерација матуранти се најоштетени и дека немале непрекинато една целосна учебна година во нивното четиригодишно средно образование и потсети дека нивниот проблем бара брзо решение зашто полагањето на државната матура почнува на 27 мај.
Во најавата за придружување кон средношколскиот протест, движењето „Студентски отпор“, пак, наведе дека е „крајно време студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите“, пренесува „Бизнисвести.мк“
По протестот што го организираше во ноември минатата година, „Студентски отпор“ реагира дека „не е остварено ништо од тоа што им беше ветено на студентите од Министерството за образование и наука и Владата“.
Тие ги наведуваат постојано доцнење на исплатата на стипендиите и на студентскиот оброк, нетранспарентно договарање на цената за субвенционираниот студентски оброк од 140 денари – износ кој, како што велат, е деградирачки во услови на висока инфлација, како и маргинализирање на студентите.
-Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани покриви, неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови, труење со храна и мизерен оброк во студентските домови, континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе, соопшти „Студентски отпор“ и најави дека ќе организира масовни демонстрации додека не биде исполнето тоа што студентите го бараат.







