Просечната плата во Црна Гора надмина 800 евра, Македонија закована на дното од земјите во регионот

Во Црна Гора просечната плата без данок и придонеси во декември минатата година изнесувала 814 евра и била 9,8 отсто поголема отколку во ноември, соопшти Монсат. Просечната нето плата во декември минатата година, во однос на истиот месец во 2022 година, се зголемила за 12 отсто. Просечната бруто заработувачка во декември минатата година изнесувала 1.002 евра.



Ако се има предвид дека потрошувачките цени во декември, во однос на ноември, забележале пад од 0,5 отсто, реалниот раст на заработувачка бил 1,4 отсто, се наведува во соопштението. Просечната нето заработувачка во 2023 година изнесувала 792 евра, што е 11 отсто повеќе отколку во 2022 година, а инфлацијата минатата година изнесувала 8,6 отсто, што значи дека минатата година е забележан реален раст на платите од 2,4 отсто.

За разлика од соседите, просечната исплатена нето-плата по вработен за 2023 изнесува 38.843 денари, според Државниот завод за статистика. Иако за некој процент е зголемена, тоа за граѓаните нема никаков ефект оти инфлацијата веќе го изела ваквото зголемување. Тоа, според ДЗС се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (26,2 проценти), снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (20,2 проценти) и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (20 проценти).