Просечната месечна исплатена нето-плата, во јуни годинава изнесува 36.527 денари и во однос на јуни лани е зголемена за 14,6 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Но прашањето се поставува кој реално во пракса ја добива?! Зголемувањето се должи, пред сѐ, на растот на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите: Градежништво (19,6 проценти), Информации и комуникации (17,9 проценти) и Образование (17,5 проценти).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (6,3 проценти), Рударство и вадење на камен (5,7 проценти) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,2 проценти).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во јуни изнесува 54.720 денари.




