Стотици полицајци беа испратени во ресторан во Ванкувер каде што вечерал канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа, откако околу 250 пропалестински демонстранти го опколиле ресторанот.
Демонстрантите вееја палестински знамиња и бараа премиерот да повика на прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас.
„Срам да ви е, имате крв на рацете“, извикуваа дел од демонстрантите.
Полицијата околу 22 часот успешно го извлекла Трудо од ресторанот, а тој не е повреден.
Трудо претходно го повика Израел да покаже максимална воздржаност за да ги заштити цивилите додека израелските сили продолжуваат со офанзивата низ Газа.
„Ги слушаме сведочењата на лекарите, преживеаните, децата кои ги изгубиле своите родители. Светот е сведок на убиства на жени и деца“, рече Трудо.
Тој исто така го повика Хамас да престане да ги користи Палестинците како жив штит, но еврејските лидери остро ги осудија неговите забелешки.







