„Пропаѓа плоштадот ‘Македонија’ – пропаѓа и државата Македонија“

„Скршени клупи, исушени дрвца, незавршени фасади: централниот плоштад ‘Македонија’ во Скопје е оставен да пропаѓа, но и државата Македонија е оставена, исто така, полека да пропаѓа“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својата статија посветена на состојбата, во која се наоѓа овој плоштад во главниот град на Република Македонија.

Весникот пишува: „Уште што ли не се изнаслушавме во кампањата за изборите. Ќе изграделе во Скопје: де подземни сообраќајници, де надземни рајски – зелени градини, де нови сали, де… А една скршена – пропадната фонтана на главниот плоштад не ја поправија со месеци. Седум месеци си стои грдата слика на ‘обележана’ опасност минувачот да внимава оти може да пропадне среде централниот плоштад во Скопје. Обележувањето треба да покаже и дека надлежните биле ажурни? Сирота фонтана: и таа тера кампања, ама неа никој не ја слуша.“

„Што ли се чека за да се поправи? Па за седум месеци Кинезите прават целосно нови мали градови. Да не ја отвораме темата дека на централниот плоштад ‘Македонија’ има уште многу фалинки, кои останаа непоправени. Скршени клупи, исушени дрвца, незавршени фасади…. За ова никој не кажа ниту збор во кампањата.“

„Молкот, но и неработењето околу проблемите се единствено разбирливи, ако целта е плоштадот „Македонија“ да биде слика за државата Македонија, која е, исто така, оставена полека да пропаѓа. Или може целта е кинеските туристи да ги натераме да ни ја направат фонтаната додека се тука, за два – три часа.“ – заклучува „Скопско ехо“.