Засега пропаѓа планот за приватна ,,Брза помош” за фирма блиска на врвот на власта

Нема да има приватизација на Итната медицинска помош. Ова за ТВ 24 го тврди министерот за здравство Венко Филипче, по забелешките на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица дека измените на Законот за здравствена заштита отвораат можност за приватизација на Итната медицинска помош.



Денеска расправата беше повлечена од пленарна седница, а двете партии законот го блокираа со амандмани. За следниот петок е закажана јавна расправа на која се повикани лекарските здруженија, комори, преставници од клиниките, лекари.

– Со ова законско решение сакаме да го регулираме она што досега се правеше нелегално, да се стави ред во оваа сфера. – изјави Арбен Зибери, претседатал на собраниска комисија за здравство, пренесува ТВ24.

Спорните законски измени ја кренаа тензијата меѓу пратениците.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта се обидува да го истурка законот на мала врата.

„Се работи за приватизација или јавно приватно партнерство на дејноста за итна медицинска, стоматолошка помош и домашно лекување“, порача денеска Синиша Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Левица до Комисијата за здравство поднесоа 1200 амандмани, за како што велат да го спречат донесувањето на овој штетен закон. Владата во заминување се обидува шверцерски да ја приватизира брзата помош, велат од Левица.

Филипче вели дека отпаднал проектот за јавно приватно на Итната медицинска помош за кој има и физибилити студија. Вели дека сега не е време за тоа-системот да остане вака како што е, а да се зајакне со нови возила, пишува телевизијата.

Неофицијалните информации од здравствени работници се дека една од целите на законот било да се легализира приватна Брза помош која која е блиска на владеачки структури и сега работи користејќи ги законските недоречености.

Една од првите луѓе во оваа компанија е и блиска роднина на висок владин и партиски функционер во заминување.