Пропадна и вториот Јавен повик на Град Скопје за приватните превозници на три градски линии 9, 11 и 12. На огласот не се пријавил никој, зашто ниту еден возач од нив не изразил интерес да се пријави, вели за Алфа сопственикот на „Макекспрес превоз“, Милорад Димитријевски. Според него, сето ова се случува поради лошиот однос од страна на Градот, па затоа, приватните превозници биле приморани своите вработени кои 30 години работеле – да ги испратат како технолошки вишок, зашто немале ниту денар за да ги исплатат. Сега, велат, го тужат Град Скопје за сета неправда што им ја нанесе и очекуваат позитивен исход.

Приватните превозници тврдат дека договорите им биле незаконски раскинати и очекуваат со одлука на Влада да бидат вратени во системот на јавниот градски превоз, а за долгот кој ЈСП го има кон нив да се договорат, како ќе им биде исплатен по пат на медијација. Велат градоначалничката не сакала да чује да ги прими на разговор.
Сите очи од страна на приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес превоз“ се вперени во премиерот Димитар Ковачевски, и чекаат средба. Покрај овој, минатата недела пропадна и првиот оглас за линиите 20 и 22, зашто ниту еден од нивните возачи не се пријавил за овие линии.
Данела Арсовска тврдеше дека градот може да функционира и без приватните автобуси, но двата огласи го покажуваат спротивното – бидејќи се бараат дополнителни 48 автобуси и 103 возачи за овие 5 градски линии, што за жал ги нема.





