Утринава во реката Вардар е најдено телото на 22-годишниот Ердон Рамадани од Куманово, кој на 27 септември со автомобилот излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во Вардар, објави градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу.
По телото на Рамадани се трагаше пет денови, а во потрагата беа вклучени специјални единици на МВР, ДЗС и пожарникарите од Тетово.
„Најден е младиот кумановец, во реката Вардар. Благодарност до сите спасувачки екипи кои придонесоа во текот на сите овие денови. Длабоко сочувство до семејството“, објави градоначалникот Сејдуи.
Од тетовската полиција потврдија дека е најдено тело во реката Вардар, но соопштуваат дека сé уште не е извршена официјалната идентификација.







