Пронајден преживеан по експлозијата во сибирскиот рудник

Спасувачите пронајдоа преживеан во сибирскиот рудник за јаглен Листвјажнаја, каде десетици рудари загинаа по експлозија на гас, јави Асошиетед прес.



Мажот бил пренесен во болница. И самиот тој е спасител, кој слезе да помогне да се извлечат блокираните рудари. Досега се сметаше дека е меѓу загинатите.

Неколку часа претходно одговорните институции соопштија дека нема шанси да се најдат уште преживеани по вчерашната експлозија во рудникот во кој во тој момент имало 285 рудари.

Според експертите, ќе бидат потребни денови за да се пронајдат останките на сите жртви.

Меѓу загинатите има 46 рудари и 6 спасувачи. Десетици се ранети, 50 лица се хоспитализирани.

Ова е најсмртоносниот инцидент во руски рудник од 2010 годинак кога во две експлозии на метан и пожар загинаа 91 лице во друг рудник во регионот на Кемерово.

Директорот на рудникот, неговиот заменик и уште еден висок функционер беа уапсени вчера, а денеска се приведени двајца владини експерти, кои деновиве извршија увид на безбедносните мерки.