Промовирано историско дело кое ја дообјаснува геостратегиската реалност во која живее Македонија

Вчера во Скопје во просториите на ,,Порта Македонија” беше промовирано научно историското дело „Регионално-безбедносни пактови во југоисточна Европа меѓу двете светски војни“ од проф. д-р Иванка Василевска.



Делото на Василевска која е професор на Правниот факултет во Скопје и пратеник во македонското собрание се однесува на период од пред еден век но дава одговори и на многу прашања и процеси кои се актуелни и денеска.

Иванка Василевска во книгата се занимава со суштинските теми на ,,македонското прашање” меѓу двете светки војни, низ призмата на геополитиката, односно преку европските и балканските сојузи.

Промоторите на книгата беа професор Далибор Јовановски од Институтот за национална историја при Филозофскиот факултет во Скопје и Тони Менкиноски, адвокат и застапник на Македонците од Бугарија пред судот за човекови права во Стразбур и м-р Александар Јовановски настанот го модерираше Марјан Андонов Гијовски.

Според Тони Менкиноски, еден од промоторите на книгата, станува збор за значајно дело за политиката, дипломатијата и геополитиката, кое може да послужи како учебник за идните македонски дипломати.

Делото е објавено во рамки на Македонскиот Политиколопки форум кој годинава одбележува 25 години од своето постоење.

На промоцијата присуствуваа врвни претставници на македонската наука и претставници на политичкиот живот.

На промоцијата присуствуваа и членови на организации на Македонците од Република Грција и Република Бугарија, политичките партии Виножито и ОМО Илинден-Пирин.