
Првиот квартал на оваа година полека истекнува како пролетните дождови. Лие на сите страни. Лијат и нашите дипломатски бруки, што не е ништо ново. Нашата дипломатија е на колена. Нема видливи знаци на дипломатска активност. За успеси не може да стане збор.Тоа што понекогаш не посетуват дипломатски званичници на своите рутински Балкански турнеи, Министерство за надворешни работи ги прикажува како посети на покана на нашиот министер Османи. Целта на ваквите посети е позната. Ова важи и за неодамнешната посета на шпанскиот министер Хозе Мануел Албареш. Ваквите посети единствено ќе запрат во август, кога не само Бриселската, ами и целата светска дипломатија ќе се одмара (нашата секогаш е во таа состојба) од напорната работа.
Дека е така зборува и засега необјавениот судир на двајца наши амбасадори од две држави од Централна Европа во центарот на Лондон, односно на службеното возило на една од амбасадите со ознака CMD табличка, специфична за возилата што кои ги користат амбасадорите и шефовите на мисиите. Интерно во надлежното министерство, епилогот е познат, ама како и сите досегашни скандали остана без резонанца во јавноста. Но, македонската дипломатија секако ќе доживее ерозија поради тоа што инволвираните амбасадори нема да бидат вклучени во нашите дипломатски активности во клучни моменти! Останува поуката за дипломатскиот персонал којшто службено или, како во последнив случај приватно вози во државите каде што се вози лево: тој мора да помине соодветен курс за да се избегнат ваквите сообраќајни и дали само такви инциденти?
Но да ги баталиме сообраќајките, па макар и со дипломатски таблички. И досега имало такви случаеви, при што на еден амбасадор, при проверка на возачките документи, во расправа со полицаецот, му е скршена и шаката. Сите скандали остануваат дома, посебно најинтимните. Валканите алишта не се изнесуваат. Во домицилните министерства за надворешни работи сите сообраќајни престапи се регистрираат и во зависност од последиците, се известуваат соодветните министерства во државите, чиј дипломат бил инволвиран. Нашиве ги кријат како змија нозете.
Во овие тешки времиња за нашата држава која има многу елементи на Апсурдистан ( книга под тој наслов на Гари Штајнберг, чие што презиме недвосмислено упатува на неговото потекло) имаме поважни теми, затоа, напред со наведување на само еден дел од дипломатските и политичките збиднувања, со кои се комплетира асоцијацијата дека станува збор за Апсурдистан.
Да тргнам од председавањето со ОБСЕ. Никој, се разбира, не очекуваше дека ние како држава, посебно со нашата дипломатија, можеме нешто видливо да покажеме за време на нашето претседавање со ОБСЕ. За тоа имаше и објективни причини (практично елиминирање на Русија од процесот). Македонскиот министер за надворешни работи троши голема енергија за своите партиски функции, вклучувајќи ја и најновата: координатор на ДУИ во Чаир. Уште тоа му требаше. Непотребно покажа хуманост посетувајќи го претепаниот дилер од Охрид во болницата во Софија, гест што во Софија не е препознат како помош на лекар, макар што хирургот Османи не е орално максилофацијален хирург, туку абдоминален. Толкувањата за причините за неговиот каритисам можат да отидат во друг правец во осветлувањето на елементите и за бугарско институализирање и позиционирање во врска со кафанскиот инцидент.
Одиме понатаму, министерот Османи се согласил, високо рангиран дипломат кој наводно вршел притисок врз работата на Комисијата за историски прашања, како што тврдеше еден поранешен член на Комисијата за историски прашања, денес да ја грее амбасадорска фотеља во една европска држава. Председавачот со ОБСЕ, министерот Османи, можеше во таа функција да ги осуди неодамнешните напади на Косово врз српското население, како што со големо воодушевување и пристрасност ја поздрави либерализацијата на визниот режим, што секако е значаен настан за целиот Западен Балкан. Мисијата на ОБСЕ на Косово соодветно реагираше во осудите на наведените напади. Тој мора да знае дека неговиот статус не смее да биде користен само за афирмација на неговата „зелена“ партија, како и дека неговите дипломатски изјави имаат широко ехо во соседните држави. Министерот Османи во Работната група за промена на Уставот, покрај маргиналните експерти вклучува и еден свој анонимен партиски колега, хибридно унапредуван во министерството со кое раководи. Тој, истиот наш министер во рамките на персонализацијата на дипломатскиот кадар во Виена за време на претседавањето со ОБСЕ, испраќа анонимен дипломат, неодамна донесен од некоја друга институција, во својство на специјален претставник на младите. Министерот Османи никако да ја сфати улогата на парламентот во соработката со ОБСЕ. Претставник на македонската ОБСЕ парламентарна делегација требаше да учествува на познатиот ‘Leinsweiler Seminar’, на почетокот на мај во Берлин, во организација на Бундестагот, со подршка на Министерството за надворешни работи, заедно со ОБСЕ парламентарните делегации на Албанија, БиХ, Хрватска, Германија, Молдавија, Црна Гора Србија и Украина, но претседателството на Собранието не го одобрило патувањето, можеби и по сугестија на претседавачот со ОБСЕ! Не е тешко да се претпостави од кои причини. Што бара опозицијата во Берлин?
Необелоденето или недемантирано остана и наводно заеднички потпишаното писмо од страна на поранешниот премиер Заев и актелниот ни министер за надворешни Османи, упатено до Венецијанската комисија по повод барањето мислење за Законот за употреба на јазиците, со кое и се сугерира да не се осврнува на прашањето за (не)уставноста на неговите одредби, заради опасноста од влошување на меѓуетничките односи, во sui generis државата! Заборавија дека Венецијанска комисија не е венецијански трговец, олицетворен во ликот на Антонио, еден од јунаците на трагикомичното дело на Шекспир, туку најреномираното советодавно тело на Советот на Европа чиј целосен назив е Европска комисија за демократија преку правото, што зборува за значењето на комисијата за посткомунистичките држави.
Целата колумна на амбасадорот Ѓорги Мисајловски на следниот линк:





