Производителите на јајца велат дека ќе ги има доволно и покрај замрзнатата цена, и нема да останат граѓаните на цедило

Производителите на јајца ќе работат со загуба и ќе трпи производството, зашто се приморани да ја прифатат владината одлука за замрзнување на цената на 8 до 9 денари по јајце. Најголемиот производител на јајца во Македонија, за Алфа вели дека прават напори прво да се задоволи домашниот пазар, а потоа се пакува за извоз, иако соседството се соочува со недостаток на јајца. Во пресрет на велигденските празници, велат дека дневно во земајва се произвeдуваат нешто повеќе од 800.000 јајца. Цената, зависно од трговците, не смее да надмине 9 денари за јајце.



Оризопроизводителите алармираат дека државата прво да го откупи оризот за стоковите резерви, да се зголеми цената за 20%, па потоа може да се размислува за замрзнување на цената на оризот.

Овие земјоделсци стравуваат дека откупувачите може дополнително да ја намалат откупната цена, со што би предизвикале дополнителен удар врз оваа земјоделска гранка. Пред стартот на сеидбата, велат, ако Владата не покаже сериозност, многу ниви може да останат непосеани.

И додека стопанството критикува дека вештачки се замрзнуваат цените, од Владата следно ќе ги анализирале и месните производи, по што ќе одлучува за колку да има намалување. За сега, не се размислува да има замрзнување на цените на шеќерот и брашното.

Во меѓу време, синдикатот пресмета дека 825 евра му се потребни на едно семејство да ги задоволи месечните потреби. За обичниот граѓанин пак, високата инфлација од 16,7% доволно кажува дека едвај можат да закрпат крај со крај, зашто парата ја нема некогашната вредност.