Професорката Катерина Тодороска објави „рецепт за торта ‘В.д. директор’“ како коментар за продолжувањето на мандатот на Драги Ѓоргиев како раководител на Институтот за национална историја (ИНИ).
„Вака да ви кажам. Нема поголем борец од криминалецот кој се бори да си го заштити криминалот. Чекајќи го времето кога криминалците ќе добијат решеткаста перспектива, ви го испраќам испробаниот рецепт за торта ‘В.Д. ДИРЕКТОР’“, напиша Тодороска на Фејсбук во најавата за написот посветен на скандалозната седница на Советот на ИНИ, на која копретседателот од македонска страна на Мешовитата комисија со Бугарија за историски и образовни прашања доби уште шест месеци на чело на Институтот.
„Предупредување: Рецептот може да предизвика вознемиреност кај чесни домаќинки. Потребен е надзор од владини претставници!!!
Македонското полит-кулинарство од денес е побогато за уште еден рецепт за торта наречена „ВД ДИРЕКТОР“.
За подготовка потребен ви е правник во некоја институција, заштитен од искрената му љубов кон СДСМ-овската ружа. (Важно: Боцките ќе ги отстраните кога ќе ви се раскрварат рацете). Секако, правникот треба да биде претходно исклучително добро насаламурен, соодветно на неговата употребливост во секоја од корите на тортата.
Кора 1. Земесете тесто од едно квазиакадемиче со остатокот од саламурата во која отстојал правникот. Зависно од потребата, дотурате некое проектче за тестото за се зацврсти и убаво да се врзе со саламурата. Важно е тие добро да бидат соединети за да делуваат како едно. Доколку тестото ви се лизга низ раце, додадете и неколку добро премачкани проекташи или комисијаши со кои дополнително се зацврстува тестото.
Кора 2. За да не застојат состојките, побрзајте насамурениот правник да распише конкурс за избор на директор во институцијата. Се јавуваат кандидати и доставуваат документи. Истовремено, насаламурениот правник почнува со мешање на киселини и отрови, а во мешанието задолжителни состојки се проекташите и комисијашите, оти тестото без нив не бива. Потоа, од Уќуматот се бира Комисија, која ги рангира пријавените кандидати, ама не е ранг-листата по меракот на насаламурениот правник. За таа цел, од непостоечки Суљо и Пуљо, експресно се подготвува пријава во Државен просветен инспекторат за побрзо да се прекине несаканата процедура до избор на директор. За успехот на овој дел од мешанието, задолжително се додава мислењето на државен просветен инспектор.
Кора 3. Со додавањето на состојката од инспекторатот, добиена со мешање на мозокоактивноста и мудроста на насаламурениот правник, доаѓате до моментот на итно кинење на некој документ или поништување на документите кои не се по мерка на нафатираните, при тоа задолжително фрлете ги, за случајно, да не паднат во раце на некоја нормална инспекција во некоја нормална држава. И така, мешањето продолжува.
Кора 4. Уќуматот пак си бира нова Комисија, оти првата ич не му го погоди тестото на насаламурениот правник, а за да биде по негово малку помош во мешанието треба и од квазиакадемичето. Оти сето мешание е тоа кутрото и жално ненарането, да не остане надвор од саламурата, во која со години умешно, успешно и богато здружно си пливаат. Секако, додека сето тоа се подготвува, проекташите и комисијашите трчаат околу масата за да ја засилат циркулација на воздухот до брзина на јужно ветре од кое тестото добива воздушестост. Разбира се, Комисијата работи и сработува, ама не е по мерка на насаламурените.
Кора 5. Завршната фаза од подготовката на тортата „ВД ДИРЕКТОР“ го вклучува сето претходно смешано, со особен надзор на владините претсавници. Попатно, при подготовката на оваа кора се додаваат некои состојки од кои можете да добиете мачнина при дигестирањето, поради што треба сериозно да се придржувате до рецептот. Потоа следува пиење на кафе и кикотење од успешноста за продолжување на лижењето на рацете потонати во мед.
ВАЖНО: за успешноста на тортата важно е сите состојки што е можно повеќе да отстојат во соодветна саламура.
ПОВАЖНО: тортата нема рок на траење, но кога и да ја пресечете ќе ве удри реа оти застојаната саламура ништо не ја покрива.
НАЈВАЖНО: овој рецепт нема шанси да го подготвите во нормални држави и без насаламурен правник.
Нека ви е на здравје тортата ‘В.Д. ДИРЕКТОР’, пишува Тодороска.






