Повеќе од 40 познати личности од САД и од Европа се потписници на отворено писмо на поддршка за договорот за името меѓу Македонија и Грција, објавено во денешниот број на британскиот весник „Гардијан“.
„Договорот ги уважува достоинството на двата народа и нивното право на самоопределување и ја демонстрира волјата на двете држави за мирен соживот“, се вели во писмото потпишано од професори и од научници од универзитети во Лондон, Баркли, Болоња, Њујорк, Варшава, Кембриџ, како и од членови на Европски парламент, кои зборуваат за „класична грчка Македонија“.
„Тој договор јасно ги разграничува политичките, историските и културните граници меѓу класичната грчка Македонија и денешна, веќе Северна Македонија“, додаваат потпишаните интелектуалци од двата континента, напомнувајќи дека „и во двете земји постојат екстремисти и радикални елементи, кои се против Договорот“.
„Во овие критични времиња, кога Европа е исправена пред десниот национализам и расизам и пред опасноста од ревизионистички пројави на Балканот и во Европа, кои ги делат луѓето на ‘предавници’ и на ‘патриоти’, денес е потребно да бидат поддржани повеќе од кога било оние кои го прифаќаат ризикот за помирување. Ние го поддржуваме овој чесен договор и ги повикуваме сите страни да го исполнат својот дел од него“, стои во писмото објавено во „Гардијан“.





