Професор по право од САД: Договорот од Преспа е мачка во вреќа

Френсис Бојл, професор по меѓународно право на универзитетот во Илиноис, ги детектира слабостите на договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, заклучувајќи дека за Македонците тој е како „купување мачка во вреќа“.



„Грција и Македонија треба да можат да се договорат околу заеднички прифатливо име без Македонија да треба да потпишува договор од 20 страници, кој практично е скициран од американскиот Стејт департмент и за кој, дури и на професионален експерт за меѓународно право, би му требало доста време да сфати што тој сè значи и какви сè последици може да има за Македонија.

Како да знаат Македонците за што сè гласаат? Ако гласате за тој договор на претстојниот референдум, ние во Америка тоа го викаме купување ‘мачка во вреќа’. И бидете свесни за фактот дека на Американците никогаш не им било многу гајле што пишува во некој устав кога сакаат да натераат некого да проголта некаков договор“, вели Бојл.

Професорот Бојл е советник на Босна и Херцеговина и на Привремената влада на палестинската власт. Тој, исто така, претставува две здруженија на граѓани во БиХ и бил вклучен во изготвувањето на обвинението против Слободан Милошевиќ за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во оваа земја. Работел и во Одборот на директори на Амнести интернешенел.