Професор Грк од Бугарија: Победник во спорот за името е Турција

Јоаким Каламарис, универзитетски професор од Бугарија, смета дека голем победник во спорот за името меѓу Македонија и Грција е турската надворешна политика.



Според неговите ставови изнесени во интервју за бугарското радио Фокус, и покрај уверувањата на Атина и на Скопје дека сега е најсоодветниот момент за ова прашање да биде решено, моментот не е избран случајно. Тој е на мнение дека е неопходно Европска унија да се ангажира во решавањето на спорот, но исходот од ситуацијата не е близу.

„Таканареченото решавање на спорот за името не е случајно. Владата во Скопје е поттикната од турската надворешна политика и од турската интервенција за преобразба на Балкански Полуостров и за муслиманизирање на земјите. Моментот е избран за да можат да бидат прикриени другите дејства што се случуваат во регионот. Односно, дејствувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган во регионот и во Сирија. Проблемот има многу подлабоки корени, а тој е само преттекст за да можат други дејства да поминуваат во полесна форма“, вели Каламарис.

Професорот уште коментира дека влегувањето на Македонија во НАТО ќе ѝ даде само дополнителен глас на Турција, претворајќи го Скопје во трета Албанија, по примерот на Косово.

Зад иницираниот спор за името, зад сите религиозни конфликти на Балканот, видливи се пипалата на турската надворешна политика, дополнува Каламарис.