Професорот Мирослав Грчев кој е автор на државното знаме и важи за интелектулец близок на СДСМ во време на чие владеење вршел и јавни функции тврди дека Бугарија била фашистичка земја долго пред да почне втората светска војна.
Грчев во колумна за Слободен Печат вели дека уште во втората и третата деценија на минатиот век Бугарија била на листата на земји каде владееле автентични фашистички злосторнички режими.
,,Во меѓувреме, од националните истории масовно се брише фашистичкото минато, заедно со одговорноста за окупираните земји и убиените жртви, и сè помал број луѓе знае за најголемиот злостор со сеевропско потекло и одговорност. Дека фашизмот беше најмасовното и најмоќното движење во Европа помеѓу двете светски војни и дека во буквално секоја европска држава постоеја моќни фашистички партии и движења кои неретко ја земаа власта, тоа веќе не е пристојно и да се спомне, а на меѓународен план предизвикува официјални дипломатски ноти за „говор на омраза“ и – што знам веќе – за руска пропаганда.
Дека во 20-тите и 30-тите години од минатиот век Европа стануваше, земја по земја, фашистички континент, првин со Италија, па Португалија и Шпанија, Австрија, Франција, Романија, Унгарија и Бугарија, а потем, со германското „обединување на Европа“ до 1941 практично сите европски држави освен Британија и Советскиот Сојуз биле автентични фашистички злосторнички режими, велам, за тоа денес веќе не е политички коректно да се зборува”, пишува Грчев во колумната за Слободен Печат.
Едно од главните барања на Бугарија во разговорите со СДСМ и ДУИ е соседот да не биде именуван како фашистички окупатор во втората светска војна.
Пред два дена и шефот на македонскиот дел од комисијата со Бугарија Драги Ѓоргиев, најверојатно под политички притисок на властите во Скопје, даде изјава со која се обиде да објасни дека Бугарија не била фашистичка држава во втората светска војна.
За разлика од него Грчев нема дилеми дека Бугарија долго пред 1941 година веќе била фашистичка средина.





