Со доаѓањето на есента, особено доколку стапката на вакцинираност остане на овие ниски нивоа, нов бран на индиски сој ќе биде неминовен , предупредува професорот Дејан Трајковски кој на Фејсбук е познат по своите анализи за состојбата со коронавирусот.
„Заканата од новиот сој „Делта“ (индиски сој) треба да се сфати крајно сериозно, а здравствените власти заедно со населението да побрзаат со процесот на вакцинација ако не сакаат зимава повторно да живееме под рестриктивни мерки. За страдањата и смртните случаи да не зборуваме – доволно е да се потсетиме на сликите од индиските болници“, вели професорот за Плусинфо.
За опасноста од нов бран во Европа предупредува и Светската здравствена организација, а тие проценките не ги даваат туку-така, од ракав, додава тој.
Професорот Трајковски ги предупредува нашите здравствени власти дека треба навреме да порачаат ПЦР реагенси за детектирање на индискиот сој, бидејќи, како што вели, тој потешко се открива со обичните реагенсi.
Главоболки, болки во грлото и течење на носот се едни од најчесто пријавените симптоми на индискиот сој на коронавирус во Велика Британија, пишува „Би-Би-Си“.






