Професорот од Институтот за национална историја д-р Митко Б. Панов за Нова Македонија анализира како и зошто македонските членови на историската комисија со Бугарија се согласиле со политичките барања на бугарската влада за важни делови од македонската историја.
“Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања ја заокружи четвртата средба на 20 февруари, со постигнување договор за заедничко одбележување на избрани историски личности од средновековието.
Министерството за надворешни работи на Бугарија официјално информира дека комисијата ги усогласила текстовите со предлози до двете влади „заеднички да се чествуваат Климент Охридски и Наум Преславски, како и цар Самуил, како значајни личности во нашата заедничка историја од времето на средновековната бугарска држава“.
Одговор на тоа што седумтемина македонски колеги конкретно се согласиле даде министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која истакна дека првпат по 80 години, историчари од Македонија конечно признаваат дека државата на Самуил била „средновековна бугарска држава, а не Самуилова или каква било друга држава“, а Самуил бугарски владетел.
Како, всушност, во практика била постигната согласноста ни откри членoт на бугарската комисија, проф. Иван Илчев, кој констатирајќи го отсуството на посериозни научни контрааргументи од страна на македонските колеги, истакна дека „Грците ги лишија од античката историја, а ние со Самуил практично ги лишуваме од основниот темел на средновековната историја…“
Ваквиот епилог беше очекуван, особено поради отсуството на историчари експерти за средновековна историја во македонскиот дел од комисијата. Оттаму, станува разбирливо зошто македонските членови на комисијата, пред да се согласат, не иницирале дискусија за мноштво прашања, вклучувајќи и за непостоењето на пишани или литерарни традиции во османлиска Бугарија за Самуил.
Зошто не го поставиле прашањето зошто бугарските преродбеници, почнувајќи од Пајсиј, па до 70-тите години на 19 век, при реоткривањето на „заборавената историја“, го исклучиле Самуил од пантеонот на бугарските средновековни владетели, претставувајќи го како божји грешник што бил сурово казнет лично од бога со испраќањето на византиските војски? Зошто во популарните театарски претстави Самуил ја добил улогата на грд и омразен Ерменец?
Зошто во експресиите на бугарските уметници од 19 век Самуил не го зазел местото меѓу средновековни бугарски национални владетели, како Аспарух, Крум, Борис, Симеон, Асен? Или зошто Марин Дринов дури во 1875/1876 г. се зафатил со разјаснување на „темните прашања“ поврзани со Самуиловата држава?”, пишува професорот Панов во својот текст анализа во Нова Македонија.
Цекиот текст на професорот Панов во Нова Македонија
https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/%d0%b7%d0%b0-%d0%bf%d0%b5%d1%80%d1%81%d0%bf%d0%b5%d0%ba%d1%82%d0%b8%d0%b2%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d0%b5%d0%b4%d0%be%d0%bd%d1%81%d0%ba%d0%be-%d0%b1%d1%83%d0%b3%d0%b0%d1%80/





