„За да не го прават или именуваат безкруполозните и неуките, македонскиот народ во нешто несвојствено – „северномакедонски“, препорачливо е да ја знаеме историјата на народот кој и ја создавал неа. Затоа уште еднаш, збор-два за Јане Сандански, македонскиот војвода, револуционер и народен љубимец“, пишува професорката Наташа Котлар.
„Пред 105 г., на 23 април (н.ст.) 1915 г. тој е убиен, пронижен е со 11 куршуми, од заседа. За Јаневото историско значење честопати пишувам и потсетувам на неговите ставови и размислувања како сведоштво, кое не треба да се заборави и кое треба да се почитува. Современиците му се восхитувале, дури и го опишувале!
Еден таков опис ни оставил и специјалниот дописник на белградскиот весник „Политика“ – Бранислав Нушиќ, познатиот српски комедиограф, кој работел и како новинар и дипломат. Еве што пишува Нушиќ за Јане:
„Сандански е развиен човек, со силни плеќи и ковчест. Има високо чело, многу бистри очи, со кои при разговорот ве фиксира. Има многу крупен череп и секоја коска на него е истакната, а особено јаготките на образите. Со полна растресена брада е, а коса има помалку. Не е многу образован, но е бистар. Одговара директно на поставените прашања и одговара кратко, јасно и решително. Се чини дека е длабоко убеден во секоја своја мисла што ја кажува“. Она што Сандански го беседел на средбите, секој негов збор проникнувал во народната душевност. Затоа пак, народот именувајќи го во легендата како „Пирински цар“, „Сандан-паша“ или „Башта (татко, б. н.) на народот“ метафорично ја претставува неговата надмоќ над другите, а особено над соперниците. [„Револуција у Турској. Друго писмо из Солуна “, Политика, 21.7.1908, бр.1619, 2]






