Проф. Даскаловски: Софија да сфати дека постојат различни историски перспективи

Професорот од Факултетот за безбедност во Скопје Жидас Даскаловски ги повикува општествените дејци во Бугарија да разговараат но притоа да разберат дека има различни перспективи на историските настани.



,,Историјата секогаш се базира на факти и нивната интерпретација. На интерпретациите влијаат различни специфични контексти, национални, локални или регионални. Битно е да се сфати концептот на мултиперспективност во историјата, на постоење на различни перспективи на историски настани, епохи или личности.

Бугарија и Македонија треба да сфатат дека „другиот„ може да има различен поглед, перспектива, интерпретација или ако сакате поука од историските настани, епохи или личности.

Во таа насока ги повикуваме општествените дејци од Република Бугарија на отворен дијалог за сите прашања кои се битни за односите на двете држави.

Битно е да се разговара, да се разменат размислите и на македонската и на бугарската интелектуална јавност без обврски да се најдат заеднички прифатливи решенија за одредени епохи, личности и процеси, да се најдат начини за соработка и редовна комуникација.

Европската агедна по втората светска војна беше надминување на разликите, помирување, обединување и соработка на сите полиња, да ја следиме!”, пишува професорот Даскаловски пред клучните средби меѓу македонските и бугарските власти закажани за средината на месецов.