„(Не)предвидениот заплет од страна на ЕУ, предизвикан од ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата, веќе стана вообичаено да се радикализира со изјави на бугарските политичари пред самитите што претставуваат финализирање на претседателството на една земја-членка со Советот на ЕУ. Пред јунскиот самит, со кој треба да заврши претседавањето на Франција со ЕУ, се создава впечаток на агилност од страна на ЕУ-функционерите заради придвижување на проширувањето.“ – вели Јасминка Павловска впо својата анализа со наслов „Брисел затвора очи и уши на геноцидните пораки од Софија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Таквите пораки Бугарија ги сфаќа како притисок од ЕУ насочен кон неа, за да отстапи од неразумните причини за ветото спрема Македонија, па нејзините политичари отпорот го изразуваат со изјави, во кои нескриено се пројавуваат фашизоидно-геноцидни намери спрема Македонците и сите белези на македонското постоење – нација, јазик, историја, содржани во поимот македонизам. По средбите со германскиот државен врв во Берлин бугарскиот претседател Румен Радев најави дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа.“
„Со оваа изјава, Радев како да им упати директен предизвик на домаќините во Германија, но и на ЕУ, дека Бугарија нема да отстапи од спроведувањето геноцидна политика, која има крајна цел да ги избрише македонскиот народ, јазик и историја. Неколку дена по ваквата изјава на бугарскиот претседател останува ‘енигма’ нереагирањето на Германија.“
„Нова Македонија’ упати прашања до Делегацијата на ЕУ во Скопје: Дали Унијата во изјавите на бугарскиот претседател препознава геноцидна намера, која има крајна цел да ги избрише македонскиот народ, јазик и историја? Има ли намера некоја од институциите на ЕУ, или барем некоја од земјите-членки, да реагира на ваквите изјави на бугарскиот претседател, кои претставуваат отворена закана за постоењето на македонскиот народ?“
„Не коментираме изјави. Ги охрабруваме Бугарија и с.Македонија да најдат заемно прифатливо решение за нерешените обострани прашања како приоритет. Треба да се избегнува секоја акција, или изјава, што негативно влијае врз добрососедските односи.’ – одговори Делегацијата на ЕУ.“
„Воздржаноста на ЕУ во осуда на изјави со тенденциозно фашизоидни пораки, што претставуваат закана за бришење на постоењето на еден народ како суверен на една држава, од страна на високи претставници на земја-членка на ЕУ, дополнително влијае врз растот на недовербата кон ЕУ и европските институции во Македонија. Зошто ЕУ дозволува да биде компромитирана и да не реагира на фашизоидно-геноцидни провокации, кои негираат историски идентитет на цел еден народ?“
„Многу порано ЕУ требаше да ги осуди и да ги отфрли причините за ветата спрема Македонија. Не треба(ше) да дозволи идентитетски прашања да се претворат во услов за евроинтеграциите. ЕУ треба да реагираат и да ги осудат фашизоидните изјави на бугарскиот претседател Радев дека немало да дозволи ‘легитимација на македонизмот како производ на Коминтерната’. Со нереагирањето на ваквата изјава ЕУ остава простор на забелешките дека е толерантна на повторното раѓање на (нео)фашизмот, па дури и за негова рехабилитација.’ – вели историчарката Наде Проева.“
Интернет-врска до целата анализа:





