Врвниот македонски и византолог од светски калибар професорката Наде Проева во колумна за Нова Македонија пишува зошто ни се случува расправата дажбата на македонскиот национален идентитет.
Меѓу другите примери што ги дава за процесот во кој дилетанти го уништуваат индетитетот Проева зборува и за Инцидентот во Археолошкиот музеј каде на прастари статуи им беа ставени новогодишни украси.
“Во време кога македонскиот идентитет којзнае по кој пат е жестоко негиран од соседите, кои „ред се редат мале“, нашиве „врвни зналци“ на историјата и археологијата, почнувајќи од контроверзни политичари со криминални досиеја, назначени за специјални пратеници во преговори за прашања за коишто немаат никакви знаења, до археолози пилиштарци на коишто бугарските колеги многу лесно им подметнаа кукавичино јајце (карта на Македонија на бугарски јазик во каталогот по повод 100 год. од златните погребни маски од Требеништа), што беше јасен предвесник на бугарските вета, резолуции итн. што набргу ни ги испорачаа, до директорка којашто дозволи археолошкото културно наследство да се користи како алатка за евтино одбележување на новогодишните празници.
Имено, вработените во Археолошкиот музеј, наместо да подготват пригодна изложба (а зошто би се мачеле?), на главите и косите на оригиналните археолошки скулптури само им навреле и вовреле црвени капчиња и панделки!?!?

Арно ама заборавиле да врзат црвени панделки на половиот орган на машките статуи и со тоа целосно да бидат во духот на декадентната Европа, којашто Дедо Мраз го прогласи за геј, а христијанскиот празник Божиќ што речиси два милениуми се слави во целиот свет, зa навредлив празник во Eвропа.
Коментарот и прашањето на колешка од Хрватска за овоj „изум“ на вработените во Археолошкиот музеј беше: „Колку години има директорот на Музејот – да не е можеби сенилен?“. Велам на вработените, зашто ако директорката била сенилна (со долги коси и куса памет), некој поискусен или описменет требало да отвори уста и по цена на губење на…
За волја на вистината, злоупотребата на културното наследство почна во времето на „култниот“ археолог Паско Кузман, којшто дозволи оригинални антички скулптури, со години, наместо два месеца, како што нѐ излажаа, да бидат изложени на влезот од зградата на Владата, што некако може и да се разбере, оти беше одговор, иако несоодветен и штетен, на негирањето на македонското име и идентитет, за да биле зачувувани!?!
Колку што може да се види од објавеното видео, и дел од „скулптурите на Владата“ се со наденати црвени капчиња на главите – веројатно како награда што без капчиња преживееја и ги издржаа штетните влијанија од издувните гасови и од скопската (изгор – лето, кочан – зима) клима.
Во секоја нормална држава, каква што не сме, културното наследство е светост, зашто е доказ за идентитетскиот континуум и опстојба на народот на таа земја, со сите неизбежни преобразби низ вековите. Имено, и веќе обликуваниот идентитет е во недовршен процес, започнат во дамнешни времиња, трае и се дополнува до најново време, надградувајќи се на претходно наталожени култури, надоврзувајќи се и на најдалечните предци од прадамнина до ден-денес.
Затоа идентитетот најмногу се препознава во културното наследство и се докажува со јазикот, т.е. со слоевити поими, изреки и сл., коишто, преземани едни од други низ вековите, го одразуваат мисловниот светоглед дури и на најдалечните предци, а ние денес ги користиме.
И по ова што да се каже за односот на поединци кон нашиот идентитет? Одговорот е јасен ко бел ден и го покажува нивото на нашата, во прв ред, политичка (не)култура и (не)укост, свесно уништени од криминогениот политички систем, којшто најпрво го урниса образованието, така што во сите сфери на општеството завладеаја невиден аналфабетизам и дилетантизам”, пишува Проева во колумната која цела може да ја читате во Нова Македонија.






