Продаваме овошје и зеленчук колку што ни носат добавувачите – се жалат од маркетите, иако цените ги кренаа до небо

Домашните синџири на маркети со прехранбени производи на мало реагираат дека не добиваат доволно роба, па затоа таа ја нема на добар дел од рафтовите. Компаниите информираат дека од Пазарниот инспекторат биле извршени контроли во повеќето маркети во изминатите неколку денови. Информацијата дека се изречени прекршочни казни е точна, а казните се изречени од причина што во маркетите немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.



Откако министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека повеќе трговци ќе бидат санкционирани поради непочитување на одлуката за замрзнати цени, повеќето домашни синџири на маркети се јавија со појаснување дека до маркетите немало доставено количини или немало воопшто од овошјето и од зеленчукот кои се опфатени со мерките на Владата.

И покрај сите направени напори од нив, нарачки и контакти со добавувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количини на овошје и на зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат. Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и за да ги исполнат одлуките на Владата, не се во можност да продаваат производи доколку добавувачот не им ги дистрибуира.

Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството.