Проблем со дипломатскиот ,,бисер” Елена од обезбедувањето на Ковачевски што треба да ги опслужува Македонците во земјата на кенгурите

Има ли крај на скандалите во дипломатијата, каде е дното, прашува Македонскиот дипломатски синдикат во најновата реакција за распадот на дипломатијата.



Од МДС објавуваат дека има сериозен проблем со дипломатскиот ,,бисер” Елена Трајковска од обезбедувањето на Ковачевски што треба да ги опслужува Македонците во земјата на кенгурите, Австралија.

Македонскиот дипломатски синдикат повторно во една недела најостро реагира против растечкиот тренд на разбивање на професионалноста и внатрешните регулативи во Министерството за надворешни работи.

,,По скандалозните именувања на партиски кадри во текот на минатата недела на клучни позиции во дипломатската мрежа, денес се соочуваме со нов „дипломатски бисер“. Имено, за Генерален конзул во Мелбурн се предлага целосно анонимна личност, на која единствена квалификација, според медиумите, е дека била дел од безбедносниот тим на Премиерот Ковачевски”, се вели во реакцијата на МДС.

,,И покрај обидите за прикривање на информацијата за назначувањето на Г-ѓа Елена Брајковска за Генерален конзул, користејќи креативни флоскули од типот „нема таква точка на отворената седница“ иако овие одлуки се носат на затворени седници, денес именуваната веќе ги собира потребните потписи во МНР пред отпочнување на подготвителните процедури за упатување.

Веќе укажавме, Македонскиот дипломатски синдикат бил и ќе продолжи да биде последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба. Затоа повикуваме за итна ревизија на овие упатувања и враќање на дипломатските стандарди во државата”, бара МДС од каде се уште чекаат одговор од министерот Османи за фрагрантното кршење на Законот за надворешни работи при упатувањето на Г-нот Мухаби Синани како Генерален конзул во Њујорк.

,,Пред да го добиеме одговорот, упатуваме на целосно читање на Законот, односно да се обрне внимание на член 5, од истата измена која беше наведена како основ за ова упатување (Сл. Весник 226/2015) со која се додава нов член 35-а кој гласи:

Член 35-а

Најмалку една третина од вкупниот број на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва се именуваат од редот на дипломатско-конзуларните службеници со високи дипломатски звања во Министерството.

Со оглед на ова, прашуваме кое е дипломатското звање на Синани и дали се крши Законот за надворешни работи”, прашува МДС.