Од работни обврски се ослободуваат бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар. Компаниите треба да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11 до 17 часот.
Ова се дел од препораките и мерките кои стапија во сила во саботата поради зголемено загадување на воздухот кое го надмина прагот на штетни честитки во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од вчера и во Гостивар.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Службата за итна медицинска помош треба да доставува информација до Институтот за јавно здравје за број на повици за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа, се до нејзиното завршување и една недела по тоа.
Државниот инспекторат за животна средина ќе почне со зачестена контрола на инсталациите што поседуваат А–ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Инсталациите коишто поседуваат таква дозвола треба да го намалат капацитетот на производство до 50 отсто, при што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 проценти употребата на службените возила и се препорачува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.







