Призма: ,,Таче Малиот” е „Паметен и лукав – жеден преку вода ќе те однесе“

Медиумскиот проект ПРИЗМА објавува текст за новиот лидер на СДСМ.



„Паметен и лукав – жеден преку вода ќе те однесе“, вака негов поранешен колега го опишува Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ и иден мандатар, пишува Призма откако во неделата тој убедливо ги победи противкандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски на директните внатрепартиски избори.

,,Димитар Ковачевски одамна е партиски член, но подобро го познаваат луѓето од корпоративниот свет. Низ речиси дводецениската кариера во Телеком бил на добри позиции, без разлика која партија била на власт.

Друг поранешен соработник со кого разговаравме го портретира на сличен начин.

„Не се работи за класичен технократ, тој на некој начин беше добар политичар во компанијата. Политичар, не во партиска смисла, туку знаеше кога и како да одигра.“, стои во текстот.

Според анализата Димитар Ковачевски е енигма за поголемиот дел од јавноста, но и за старите и искусни членови на СДСМ со кои БИРН разговарал. Сеќавањата за новоизбраниот претседател им почнуваат и им завршуваат пред околу две децении.

,,По изборниот пораз во 1998 година, како претставник на социјалдемократската младина, станал член на извршниот комитет на партијата. Во тоа време, соборци од подмладокот му биле истакнатите партиски имиња, како Радмила Шекеринска, Игор Ивановски-Шема и Лазе Еленовски.

„По тој пораз, во седиштето се појавуваа само пет или шест ликови, и тој беше еден од нив“, во разговор за БИРН се присети еден од партиските функционери од тоа време.

Бргу се вработил во Телеком и неговиот партиски ангажман во следните две децении се свел на симпатизерство.

Се стекнува впечаток дека дел од ветераните на СДСМ му земаат за кусур тоа што во десетте години на Никола Груевски не се изложил повеќе во опозициските редови.

„Немавме сомнеж дека е ‘наш’, гласал за нас, тоа им било јасно и на неговите колеги во Телеком, меѓутоа во партијата го немаше“, вели за БИРН долгогодишен партиски член”, пишува во текстот кој може да го прочитате на овој ЛИНК.