Приземјен хеликоптерот што тргна да го гасне пожарот кај Галичник

Армискиот хеликоптер со опрема за гаснење пожар, кој тргнал да го гасне пожарот во близина на Галичник стигнал најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).



Хеликоптерот е приземјен попладнево на најблиско можно место до Галичник и екипажот е подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, како и додека има дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар, јави порталот мкд.мк.

Центарот за управување со кризи (ЦУК), по добиената информација за голем пожар над с. Галичник, околу 13.30 часот, координираше со регионалните центри и локалната самоуправа, па заради непристапноста на теренот ја извести и Армијата, којашто испрати еден хеликоптер со ведро за гаснење за пожарот и за заштита на Галичник. ЦУК истовремено координираше и да се обезбедат и координати и лице на терен за комуникација со хеликоптерскиот армиски екипаж. Известена е и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Локалните единици за противпожарна заштита (ТППЕ), Министерството за внатрешни работи (МВР), а и другите субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), согласно процедурите за работа на дежурните регионални центри за управување со кризи.

Инаку, информацијата за пожарот над с. Галичник, во ЦУК е добиена денеска околу 13.30 часот. Шумскиот пожар заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото, но истовремено е опасност и за силите ангажирани за гаснење. Пожарот е на непристапен терен и гори борова шума. Во координација со ЦУК се регионалните центри за управување со кризи РЦУК Охрид, РЦУК Дебар, РЦУК Гостивар и РЦУК Тетово, коишто на локално ниво координирано ги известуваат одговорните институции и претпријатија за гаснење пожари. Општина Маврово-Ростуше испратила, според правилата, официјално барање на време за хеликоптерска помош за гаснење пожар на непристапен терен.

Повеќе информации на овој ЛИНК