Приврзаниците на Борисов бараат оставка од премиерот Петков

Лидерот на партијата ГЕРБ ќе седи во притвор во наредните 24 часа по синоќешното приведување во специјална операција за злоупотреба на европските фондови.



Прв исказ после апсењето дал актуелниот премиер Кирил Петков, а полициската акција следеше само 6 часа по средбата меѓу Петков и главната европска обвинителка Лаура Ковеши. Апсењето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов ја фрли Бугарија во политички хаос. Во парламентот пратениците на ГЕРБ тргнаа и физички да се пресметаат со претседателот на „Продолжуваме со промената“.

Денеска симпатизерите и членови на ГЕРБ одржаа протест пред бугарската влада од кој побараа итно ослободување на Борисов.

Адвокатот на Борисов, Менко Менков вели дека поранешниот премиер не е обвинет, туку е приведен во рамките на таканаречени „итни дејствија“, и додава дека обвинителството се уште не е информирано од полицијата. Премиерот Петков пав вели дека во наредните денови ќе се види каде е бугарското обвинителство и дали „конечно ќе застане на страната на бугарскиот народ“.

Шефицата на Европското обвинителство Лаура Ковеси на Петков му предала документација за 120 случаи за кои постои сомневање за корупција и несовесно работење со пари добиени од европските фондови. Освен Борисов, приведени се и негови најблиски соработници, меѓу кои и поранешен бугарски министер за финансии и поранешна шефица на владината служба за информирање.

Бугарскиот вицепремиерот Асен Василев објасни дека акцијата потекнала од сигнал од бизнисменот Васил Божков кој и самиот е обвинет за поткуп, а инаку е ставен на американската црна листа за санкции.