За упадот и нападот врз контролори на летање во просториите на М-НАВ, Обвинителството вчера побара определување мерка притвор за четворица осомничени, (по останатите четворица се трага) за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“, според член 303 став 2, дело за кое минималната затворска казна е пет години.
Но, доцна синоќа, Судија на претходна постапка во скопскиот Кривчен суд им одреди мерки на претпазливост на четворицата осомничени за упадот во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром во моментот кога контролорите на летање воделе 28 лета на воздухоплови на небото над Македонија а два од нив биле авиони на НАТО упатени да слетаат во Скопје.
„Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација“, се вели во соопштението на Кривичен.
Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за осомничените за кривично дело „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“, соопшти Обвинителството.






