Од денеска во 10 часот изутринава приватните превозници ќе протестираат пред Градското собрание на „Илинденска“.



Превозниците вчера на координативен состанок одлучија да ги ослободат за движење крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и Црвен крст каде од понеделникот беа поставени блокади со цел да извршат притисок врз Град Скопје да го исплати долгот кон нив кој е над 1,5 милиони евра.

„…се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот“, изјави вчера Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Според него тоа е директно градската управа и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Приватниците не очекуваат средба со градските власти и градоначалничката Арсовска која нема намера да разговара со нив.

Најавија дека ќе бараат помош директно и од премиерот Димитар Ковачевски за нивните проблеми откако останаа и без пари и без дозвола и понатаму да бидат вклучени во градскиот превоз со нивните 200 автобуси.