Блокадата на булеварот „Илинден“ продолжува, а откако приватните автобуски превозници не добија поотврден одговор на нивното барање за средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, сега чекаат да бидат примени од Владата.
„Се уште сме тука на булевар „Илинден“, сега веќе чекаме да не примат од Владата. Затоа што немаме комуникација со Градот, побаравме помош од поголема инстанца на државата“, изјави Кемал Муриќ од „Слобода превоз““за МИА.
Превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст, и останаа да протестираат само на бул. „Илинден“ во околината на Град Скопје.







