Игор Гиркин, поранешен офицер на ФСБ и руски провоен блогер, кој е во притвор и го чека судењето за поттикнување екстремизам, изјави дека сака да се кандидира за претседател на Русија, пишува Ројтерс.
Гиркин, познат по псевдонимот Игор Стрелков, постојано повторува дека на Русија и се заканува револуција, па дури и граѓанска војна, доколку военото раководство на претседателот Владимир Путин не се бори поефективно во војната во Украина.
„Се надевам дека ќе го нарушам планот на Кремљ за лажни избори каде единствениот победник е однапред познат“
Поранешниот офицер на ФСБ, кој и помогна на Русија да го анектира Крим во 2014 година, а потоа да организира проруски милиции во источна Украина, пред апсењето изјави дека тој и неговите поддржувачи влегуваат во политиката.
„Совршено разбирам дека, во сегашната ситуација во Русија, учеството во претседателската кампања е како да седнете на маса и да играте карти“, рече Гиркин во писмото објавено на Телеграм.
Гиркин смета дека нема да му биде дозволено да учествува на изборите, но се надева дека неговиот обид да ги обедини патриотските сили ќе го наруши планот на Кремљ за „лажни избори“ каде што „единствениот победник однапред се знае“.
„Ова е нашата можност да се обединиме пред надворешните и внатрешните закани“, вели Гиркин во писмото насловено: „Ќе се кандидирам“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју објавено во петокот рече дека се надева дека Путин ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат во март, потег што ќе го задржи Путин на власт најмалку до 2030 година.






