Обединетите нации ја оценија како незаконска и неприменлива постапката на Приштина да прогласи за „персона нон грата“ вработен на ОН.
Статусот персона нон грата не важи за вработените во ОН, изјави портпаролот на генералниот секретар на оваа организација Стефан Дижарик.
„Дознавме дека косовските власти прогласиле персона нон грата вработен во Мисијата на ОН во Косово (УНМИК). Косовските власти не дале официјално објаснување на мисијата во врска со ова..“, рече тој.
Претставникот на генералниот секретар нагласи дека доктрината на персона нон грата не е применлива за персоналот на ОН и не е предвидена во Регулативата на УНМИК 2000/47 (за статусот, привилегиите и имунитетите на КФОР и УНМИК и нивниот персонал во Косово) .
На 31 декември Приштина прогласи вработен во мисијата на ОН од Русија за персона нон грата поради активности кои наводно се неспоиви со дипломатскиот статус.
Руската амбасада во Србија оваа одлука ја нарече провокација „преземена за да се добие наклонетоста на западните ментори“.







