Природниот гас за потребите на топланите ќе се набави по цена од 60,10 евра/MWh

За март природниот гас за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје-Север ќе се набави по цена од 60,10 евра/ MWh и тоа од домашниот снабдувач „Макпетрол“, што ја достави оваа фиксна цена и беше најниска во однос на другите две понуди на фирми од Бугарија. Како носител на набавката „Макпетрол“ ќе обезбеди и гаранција којашто не беше обезбедувана во претходните години што е и еден од условите во јавниот повик што го распиша „ЕСМ – Продажба“.



На јавниот повик, кој траеше од 21 до 24 февруари, се побаруваше испорака на 1200 MWh до 2380 MWh количества гас дневно. Фирмата Balkan Utilities од Бугарија, која беше снабдувач за јануари и февруари, понуди крајна фиксна цена од 67 е/MWh и фирмата Actael исто од Бугарија понуди крајна фиксна цена од 78 е/MWh. Понудата на „Макпетрол“ за март е речиси за 40 проценти пониска од онаа што се купуваше од Balkan Utilities за февруари 98,71 евра/MWh.

– Го поддржуваме фактот што „Макпетрол“ одлучи да учествува на повикот, да достави понуда со фиксна цена, и да достави најповолна понуда. Во интерес и на државата е домашна компанија да снабдува со природен гас во толку значајни количества, капиталот да останува тука, и добивката да ја дели со своите вработени и акционери. Овде сакаме да потенцираме дека „ЕСМ – Продажба“ и во овој трет по ред јавен повик ги задржа истите услови кои претходно беа критикувани од одредени медиумски субјекти. Тоа што се смени е токму однесувањето на „Макпетрол“ кој овој пат одлучи да даде понуда којашто ги исполнува условите на повикот и да не бара менување на условите како што и одговара на оваа компанија – образложи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој смета дека во јануари и февруари некоректно се тврдеше дека „ЕСМ – Продажба“ бара фиксна цена за да фаворизира некоја фирма, односно за да  оневозможи друга фирма да конкурира и дека тоа нанесувало штета на државата и на граѓаните.

– По овој повик и оваа одлука, тие тврдења паѓаат во вода. Овој пат самиот „Макпетрол“ понуди фиксна цена и понуди најниска фиксна цена од сите понудувачи и тоа е добро и за компанијата и за државата. Во изминатите месеци повеќе пати го повикувавме „Макпетрол“, и јавно и директно, да учествува и да поднесе понуда и на претходните повици. Но, наместо тоа, оваа фирма се обидуваше да ги смени условите за јавна набавка на една државна компанија за да удоволат на една приватна фирма. Се вршеше невиден и непримерен притисок кој не остана незабележан, и кај најголем дел од јавноста наиде на неодобрување – истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека не се пречка законите и подзаконските регулативи, ниту фиксните цени, а ни гаранциите што се бараат. Смета дека условите треба да важат за сите бидејќи „кога некој ќе сака да се однесува пазарно и фер, тоа и го прави“.

Ковачевски потенцира дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда.