Природен гас за парно има за уште 10 дена, што потоа?!

Природен гас за парно имаме за уште помалку од 10-тина дена, а ЕСМ се уште прибира и разгледува понуди. Според најавите од компанијата, понудите се очекува да бидат соопштени дури од вторник. Додека власта уверува дека бара гас по поевтина цена за топланите и за ТЕТО, од ВМРО – ДПМНЕ се децидни дека фирмата која е предлог на лидерот на партијата Христијан Мицкоски, веќе доставила понуда, а цената е два пати поповолна од онаа по која Владата набавила гас за втората половина од октомври.



Додека се уште не се знае како ќе продолжи греењето од ноември, грејната сезона започна со нови главоболки. Склучувањето на новите договори оди бавно, заклучно со вчера биле потпишани само 3800 договори од вкупно 60.000 домаќинства кои се на централно парно греење. ЕСМ сега пак ќе ја олесни процедурата и од денеска ќе може договорите да се преземат онлајн. Од стартот на грејната сезона, имаше и реакции за дневни прекини на парно греење и неиспорака на топлинска енергија, од ЕСМ велат испораката се одвивала по строго утврдени правила, а 26 станбени објекти се без парно.

Инаку, за да функционираат нормално топланите и ТЕТО од први ноември за наредните шест месеци потребни се околу 225 милиони нормални кубни метри природен гас. Доколку не се склучи договор по поволна цена, од ЕСМ најавија дека се подготвуваат топланите да работат на дизел.