Во обемна анализа Франкфуртер алгемајне цајтунг го поставува прашањето дали државите од Западен Балкан кои веќе преговараат за членство во ЕУ, како Србија, или очекуваат почеток на преговорите како Македонија треба да се приклучат на Унијата само финансиски и економски?



„По падот на Железната завеса Европската унија им даде на соседите на истокот ветување кое беше едноставно и ефикасно: станете успешни како нас, и тогаш ќе бидете едни од нас“, пишува новинарот Мајкл Мартенс во анализата за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесува Дојче веле.

„Во мај 2004 година, ова доведе до прием на осум поранешни комунистички земји, како и на Кипар и Малта. Три години подоцна, следеа Романија и Бугарија, иако тие не го исполнија централниот критериум – функционална правна држава. Летото 2013 година, Хрватска беше последниот новодојденец кој се провлече низ бриселските порти.

„Оттогаш, таа врата е затворена“, напиша Мартенс во написот објавен на порталот на весникот и, неколку дена порано, во печатеното издание.

„За шесте балкански држави кои сакаат да влезат во ЕУ – Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – пораката е јасна: стариот принцип според кој ангажираните реформи во одреден момент водат кон членство во ЕУ веќе не важи“, се вели во текстот.

„Никој не го доживеа тоа појасно од Северна Македонија, која на барање на Грција, дури го смени и името на земјата за да може да започне преговори со ЕУ. Сепак, грчкото вето беше проследено со француско, а потоа и бугарско, овој пат поради наводно украдената историја и јазик на словенските Македонци.

Процесот на проширување е полн со политички стапици кои немаат многу врска со реформските напори на земјите кандидати “, се наведува во анализата.

ПОВЕЌЕ