Владата во Кабул го критикуваше принцот Хари откако тој во своите мемоари напиша дека убил 25 луѓе за време на неговата воена служба во Авганистан, чин што тој го опиша како „отстранување шаховски фигури од таблата“.



Мемоарите на Хари „Spare“ беа пуштени во продажба во Шпанија неколку дена пред официјалната промоција, закажана за 10 јануари.

Во еден дел од книгата, 38-годишниот Хари ги опишува своите два престоја во Авганистан. Тој за прв пат беше таму како контролор на летање во 2007/08 година и повторно во 2012 година, кога бил копилот во хеликоптери Апачи.

Тој пишува за бројот на луѓе што ги убил таму:
„Тоа не е статистика што ме исполнува со гордост, но не можам да кажам дека ни дека се срамам“, напиша Хари, според шпанската верзија на книгата.

„Кога се најдов во жарот на битката, не мислев на луѓето, туку ги замислував како шаховски фигури отстранети од таблата, лоши луѓе елиминирани пред да им се даде можност да ги убијат добрите луѓе“.

Портпаролот на авганистанското министерство за надворешни работи предводено од Талибанците, Абдул Кахар Балки, ги критикуваше коментарите на Хари:

„Западната окупација на Авганистан е навистина одвратен момент во човечката историја, а коментарите на принцот Хари се микрокосмос на траумата што Авганистанците ја преживеаја додека окупаторските сили убиваат невини луѓе без никаква одговорност“, коментира тој.