Шефот на групата „Пријатели на Македонија“ во Европски парламент, Ханс ван Бален, испрати порака до членовите на македонското Собрание да гласаат за уставни измени, бидејќи „како Северна Македонија, преговорите за пристапување во НАТО и во ЕУ ќе можат да почнат“!
„Парламентот треба да преземе одговорност за иднината на Македонија! Референдумот резултираше со 90% за промена на името, и покрај одзивот од 37%. Ги повикувам сите пратеници да гласаат ‘за’. Како Северна Македонија, преговорите за пристапување во НАТО и во ЕУ можат да почнат. Историската можност не би требало да се пропушти!“, порача холандскиот либерал преку „Твитер“.
Ван Бален беше поставен за нов шеф на групата за поддршка на Македонија во Европарламентот на 7 март годинава, откако Владата на Заев „ѝ се заблагодари“ на основачката и дотогашен лидер на оваа неформална политичка групација Маријана Петир. И покрај тоа, хрватската европарламентарка продолжи да се бори за правото на Република Македонија и на Македонците да се викаат така, а Ван Бален им сугерира да се „посеверничат“ заради членство во Северноатлантската алијанса и во Европска унија.





