Евгениј Пригожин се закани на францускиот претседател Емануел Макрон, откако од францускиот парламентнеговата платеничка група „Вагнер“ беше означена како терористичка организација, пишува европското издание на Политико.



Одговарајќи на прашање на руски новинари, Пригожин рече дека „Вагнер“ ги спасува луѓето во Централна Африка (каде што платеничката група воспостави силно упориште и го измести присуството на Франција во регионот).

„Можеме со клешти да ги извлечеме скапаните заби од тие лоши усти“, додаде Пригожин.

„Можеме да му ги извадиме забите на Макрон и воопшто на секој што истура патогена нечистотија (за „Вагнер“).

Во вторникот француските пратеници ја повикаа ЕУ да ја стави платеничката група „Вагнер“ на списокот на терористички организации и да примени повеќе правни алатки за да го оневозможи „Вагнер“ финансиски да работи во Европа.
ЕУ во април минатата година воведе санкции кон самиот Пригожин.

„Тие не се само платеници, тие се подготвени да убиваат цивили за политичка корист… за да ги дестабилизираат институциите“, изјави за Политико Бенџамин Хадад, пратеник од партијата Преродба на Макрон.