Предвремените избори во Грција може да се одржат на 7 јули, наместо на 30 јуни, поради приемните испити на државните универзитети, кои се одвиваат од 6 јуни до 2 јули.
По поразот на владата на изборите во Европскиот парламент, премиерот Алексис Ципрас најави дека ќе побара од претседателот Прокопис Павлопулос да го започне процесот на распишување на предвремени општи избори веднаш по вториот круг од изборите за локалните и регионалните власти овој викенд.
Павлопулос веќе контактирал со лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, за да го информира за процедурата.
Вчера беше објавено дека изборите ќе се одржат на 30 јуни, но, се чини, датумот ќе треба да се помести за една недела, меѓу другото и затоа што многу избирачки места се наоѓаат во образовни институции.




